Сообраќајот се нормализира, проблеми со електроснабдувањето

14.02.2018 12:38

Нормализиран сообраќајот на патот Маврово- Дебар, откако нова лавина утринава го блокираше патот во близина на Бигорслиот манастир. Снежните врнежи што вчера попладнето и во текот на ноќта ја зафатија земјата, предизвикаа проблеми и потешкотии во електродистрибутивната мрежа во Охридско- струшкиот регион...

Сообраќајот на патниот правец Маврово- Дебар од 12 часот се одвива нормално, соопшти „Македонија пат“. Забраната беше воведена утринава од шест часот, поради нова лавина во близина на Бигорскиот манастир што го блокираше патот.

Нормализиран е сообраќајот и на Попова Шапка, на граничниот премин Ќафасан и на Стража. Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива по влажни коловози. На повисоките места има остатоци од кашаст снег, по интервенција на дежурните служби.

„Македонија пат“ апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината согласно условите на патот. На одредени патни правци кои поминуват низ клисурите и усеците можна е појава на поситни одрони

Снежните врнежи што вчера попладнето и во текот на ноќта ја зафатија земјата предизвикаа проблеми и потешкотии во електродистрибутивната мрежа во Охридско- струшкиот регион.

Во Охрид, состојбата се нормализира, со снабдувањето со електрична енергија откако се санирани дефектите. Сѐ уште има испади од системот, но тие се краткотрајни и не предизвикуваат поголеми проблеми.

Во Струга, поради поголем дефект во системот за напојување со електрична енергија без струја се делови на градот и речиси сите села во општината. Во прекин е и водоснабдувањето, а проблем има и во одвивањето на сообраќајот поради неисчистените локални патишта.

Општина Дебрца е надвор од електричната мрежа, но се работи на отстранување на дефектот. Се очекува нормализирање на состојбата во однос на снабдувањето со електрична енергија. Проблем има и со водоснабдувањето во некои села.