Преведената стручна литература - корисна за секој студент
22.02.2014 15:45
Од Министерството за образование посочија дека преводот на стручна литература е од корист за секој студент зашто ќе учи од материјали кои се користат на Сорбона, Кембриџ, Харвард..

Секој професор ќе плати глоба ако не ја користи стручната литература преведена на македонски јазик. Оваа законска измена, која предизвика реакции кај дел од универзитетските професори и опозицијата, за ресорниот министер не е ништо поразлична од светската практика. Оценува дека проектот за превод на 1.000 учебници е капитален и крајна цел е да ги подигне критериумите, стандардите и квалитетите.
„Слушнавме коментари дека Владата ќе ги пропишела учебниците, не, Владата само ги отпечати учебниците коишто беа доставени до нас како предлог од самите универзитети и факултети, односно тие ги доставија и креираа листите на учебици кои им се неопходни да бидат преведени и употребени во наставата“, изјави Спиро Ристовски, министер за образование и наука.
Од ресорното министерство посочија дека преводот на стручна литература е од корист за секој студент зашто ќе учи од материјали кои се користат на Сорбона, Кембриџ, Харвард.
За професорот Рамадани не постои лоша литература.
„Мислам дека тука нема место за одбивност, напротив треба да се прифати сето тоа што се сервира затоа што сепак од тоа се добива а ништо не се губи“, изјави професорот Исмет Рамадани.
Ристовски ги коментира и повремените забелешки дека има лош превод во некои од книгите. Побара ако се најде такво нешто, да се пријави во Министерството.
Ана Јосифоска
