Дипломатија

Димитров во Софија на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ

15.02.2018 15:43

Неформален состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија во Софија. Таму е и македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров. Софија охрабрена од разговорите меѓу Скопје и Атина за името. Сѐ уште има разлики околу рокот за проширување со земјите од Западен Балкан...

Министрите за надворешни работи на Европската унија и од шест земји- кандидати на неформален состанок во Софија разговараат за Западниот Балкан, за првпат по објавувањето на Стратегијата од Европската комисија. Домаќинот, бугарската шефица на дипломатијата соопшти дека е охрабрена од разговорите меѓу Скопје и Атина за решение за името.

„Ставот на Бугарија е јасен дека прашањето за името е меѓу Скопје и Атина. Јас се надевам дека има напредок во разговорите. Позицијата на Бугарија е дека решението за името е важно за ЕУ и за двете држави. Многу се надеваме дека решението нема да предизвика нови проблеми, но сепак тоа зависи од двете страни. Јас сум убедена дека моите колеги ќе го најдат најдоброто решение“, изјави Екатерина Захариева, министер за надворешни работи на Бугарија.

Интеграцијата на Западниот Балкан во Европската унија е една од темите на која разговараат шефовите на дипломатиите од европските држави.

„Ќе видиме како да ја зацвстиме европската перспектива на Западниот Балкан и ќе работиме на подготовките за самитот во Софија. Утре ќе ги имаме и земјите кандидати од Западниот Балкан со кои особено ќе разговараме за една од главните точки на Стратегијата за безбедноста и одбраната, што се многу важни“, рече Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Унгарија и неколку други земји- членки изразија разочарување дека Стратегијата не предвидува прием на нови членки пред 2025-та.

„Западниот Балкан има многу предизвици и тензии што може лесно да се надминат ако интеграцијата во ЕУ оди побрзо. Ги поддржуваме Србија и Црна Гора да одат на побрз начин при интеграцијата. И јас сметам дека 2025-та е реален датум за проширување со овие две држави, но ги поддржуваме и другите кандидати, Македонија и Албанија за побрза интеграција во ЕУ“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.

Земјите- членки во Софија ја разгледуваат ситуацијата во Ирак, реконструкцијата во Сирија и подобрувањето на односите меѓу Јужна и Северна Кореја.

 

Ирина Гелевска