Новиот ДУП на Охрид според теркот на граѓаните

22.02.2014 16:01

Експертите од Охридскиот Завод и Музеј шест месеци ги разгледувале приговорите на граѓаните и биле прифатени сите оние за кои се сметало дека можат да бидат земени предвид...

По долга постапка низ која имаше усогласување со сите надлежни институции на охриѓани им беше презентиран предлог деталниот урбанистички план за првата урбана зона, која го опфаќа и старото градско јадро.

Како и што се очекуваше дел од граѓаните беа незадоволни од понудените решенија, а забелешките главно се однесуваа на неможноста да го зголемат габаритот на своите објекти или им пречеше тоа што такво нешто добиле нивните соседи.

„Не се исти основите. Планот што е изрботен е базиран на стари основи... Кој како што ќе му текне таму да гради и да прави што сака, ова е дискриминација“, велат незадоволните охриѓани.

Експертите од Охридскиот Завод и Музеј шест месеци ги разгледувале приговорите на граѓаните и биле прифатени сите оние за кои се сметало дека можат да бидат земени предвид.

„Не секогаш донесувањето на урбанистичката планска документација кореспондира со желбите на оние коишто сакаат да градат. Сепак, она што за нас е најсвето е почитувањето на законот. Ние не можеме да почитуваме желби на граѓани коишто се во спротивност со постоечките законски прописи“, вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Носењето на деталниот урбанистички план за старото градско јадро треба да значи и негова поголема заштита, но сепак последниот збор ќе го имаат советниците кои треба да дадат зелено светло.

 

Сашо Нелоски