Хан убеден дека Скопје и Атина ќе ја надминат разликата до крајот на јуни

16.02.2018 13:29

Убеден сум дека до јуни, Македонија и Грција ќе се договорат за разликата, ова го изјави еврокомесарот Хан во Софија каде што на неформалниот состанок на Унијата со Западен Балкан учествува и министерот Димитров. Тој оцени- почетокот на преговорите за Македонија е во корист на сите земји во регионот и во Европа...

Еврокомесарот Хан е цврсто убеден дека Скопје и Атина ќе ја надминат разликата до крајот на јуни. Сепак, тој не сакаше да прецизира рокови за датум за почеток на преговорите за земјите кандидатки до крајот на бугарското претседавање со Унијата.

„Јас сум многу убеден дека ќе го решат спорот до крајот на бугарското претседавање. Сега е февруари, сѐ уште има време до јуни, премногу е рано да кажеме“, нагласи еврокомесарот Хан.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров е оптимист за стартот за евроатланските преговори. Тој не ги откри областите за кои владите на Македонија и Грција ги приближиле ставовите, но истакна дека владата е подготвена да ја искористи дадената можност. Целосно се посветени во убедувањето на Грција да се откаже од вето за нашата држава.

„Правиме сѐ што можеме во јуни да има политичка одлука и правиме сѐ што можеме да ја убедиме Грција да биде дел од тој консензус за Македонија. Тоа ќе биде добра работа за Македонија, за Бугарија, за сите наши соседи, за Балканот, но и за Европа“, изјави шефот на дипломатијата, Димитров.

На дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ со државите- кандидати во Софија беше разговарано за глобалните предизвици, за борбата против тероризмот, за незаконската миграција, како и за полтичките инструменти кои ќе ги употреби Брисел за прибижување на Западен Балкан.

 

Марина Стојанова- Тонева