Радев: Новото име на Македонија да не содржи географска одредница која ќе биде на штета на Бугарија
„Новото име на Република Македонија да не содржи географска одредница која ќе биде на штета на Бугарија“- претседателот Румен Радев со порака при дводневната посета во Скопје. Потенцираше дека неговата земја нема да преземе никакви санкции и оти не се меша во решавањето на билатералниот спор со Грција, но како прв сосед е заинтересирана за решението. Претседателот Иванов рече дека потпишувањето на договорот за добрососедство со Софија е доказ дека во нашиот устав нема никакви намери за иредентизам...

Средбата и разговорите меѓу македонскиот и бугарскиот претседател, Ѓорге Иванов и Румен Радев претставува ново продлабочување на односите меѓу двете земји, оценка на двајцата претседатели. На иницијатива на Иванов, Радев согласен да биде направен и договор за стратешко партнерство меѓу двете држави. Сакаме да сме пример за добрососедски односи, посочи Иванов, оценуваќи дека веќе потпишаниот Договор со Бугарија претставува амбиент за уште поголема соработка.
„Договорот за добрососедство со земја, која е членка на Европската унија и НАТО е најсилен доказ дека во македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и територијални претензии. Сакаме нашите односи да бидат пример меѓу државите на Балканот, со цел продлабочување на добрососедските односи. На денешната средба со претседателот Радев разговаравме за тоа во кои области имаме постигнато најмногу доверба, најмногу потпишани договори, во која област постои взаемен интерес, а тоа е пред се во сферата на одбраната“, изјави претседателот Иванов.
Бугарија е вашиот адвокат за европерспективите на Македонија- порача бугарскиот претседател Румен Радев, кој потенцираше дека треба уште многу да се работи преку Договорот за пријателство во сите сфери, особено во економијата, енергетиката, транспортот. Радев се надева дека Македонија и Грција ќе изнајдат решение за спорот со името, но неприфаливо е за Бугарија, рече тој, име со географска одредница кое ја засега и неговата земја.
„Решавањето на спорот за името се води преку директни разговори меѓу двете земји, се разбира дека овие преговори и нас нѐ засегаат. Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија“, изјави бугарскиот претседател Радев.
Нашите народи имаат блиски односи, но недостасува политичка доверба, беше кажано на прес- конференцијата на двајцата шефови на Македонија и Бугарија. Иванов и Радев заклучиле дека со потпишување на Договорот за соработка и пријателство се зголемила и трговската размена која изнесува 600 милиони евра, но позитивни резултати има и во туризмот. Треба да се работи на инфраструктурно поврзување на двете држави- заклучок на претседателите Иванов и Радев.
Миле Ристески
