Суспендирана лиценцата на водичот за планинарската тура на Кајмакчалан
Суспендирана лиценцата на водичот за планинарската тура на Кајмакчалан во која загинаа Калина Велевска и Александар Миновски. Федерацијата на планинарски спортови објави детален извештај за тоа што се случувало...

Суспендирана лиценцата на водичот Зоран Костадинов од клубот „Трансверзалец“ за технички пропусти, а не поради загинувањето на планинарите Калина Велевска и Александар Миновски. Ваква одлука донесе Комисијата на Федерацијата на планинари по направената детална анализа и извештај од искачувањето на Кајмакчалан. Костадинов имал лиценца за летни тури, но, како што велат од Федерацијата, тој бил компетентен водич и на зимските тури, како таа на Кајмакчалан.
„Зоки формално има лиценца за летни тури. Меѓутоа, јас лично со Зоки сум се качувал на Мон Блан, на Грозглокнер, на Мармолада, значи највисоките врвови во Европа, на Килиманџаро и Маунт Кенија, највисоките врвови во Африка. Тоа значи дека тој е компетенетен изведувач и водич на вакви акции со огромно искуство“, изјави Јовица Угриновски.
Во извештајот од Федерацијата се наведени сите детали за планинарската турa- од времето на пристигнување, па сѐ до спасувачката акција за пронаоѓање на Калина и Александар. Дел од нив се дека на самиот старт зимските услови не биле поволни.
Кон врвот тргнале 60 планинари, 23 се откажале од искачувањето и се вратиле во ски- центарот. Откако увиделе дека недостигаат Калина и Александар, водичот Костадинов со уште двајца планинари се враќаат на врвот и го пребаруваат теренот.
Во 13 часот е констатирано дека планинарите се исчезнати и почнува спасувачката акција. Воспоставуваат врска со Калина и Александар кои кажуваат дека се добро и дека се под некоја карпа. Телефонскиот контакт помеѓу едниот ратрак и Калина и Александар се одржува сѐ до 19 часот.
Од Федерацијата велат дека не го добиле извештајот од грчките служби кои учествуваа во акцијата за пронаоѓање на двајцата планинари. Грчката противпожарна служба објави дека добила повик за помош во саботата во 14.30 часот и ја почнала спасувачката акција со четири возила и 16 спасувачи, но поради лошите временски услови, интензивните врнежни и непроодниот терен, акцијата продолжува наредниот ден кога и се пронајдени безживотните тела на двајцата планинари.
Овој документ од Федерацијата ќе биде доставен до Јавното обвинителство.
Викторија Милевска
