Ќе заживее источна Македонија
Модерен автопат ќе ја поврзува метрополата и овчеполието. Прва поголема дестинација е општина Свети Николе. Светиниколчани во автопатот кој веќе се гради гледаат можност за економско заживување на општината...

Се остварува деценискиот сон на жителите од источна Македонија. Модерен автопат ќе ја поврзува метрополата и овчеполието. Прва поголема дестинација е општина Свети Николе. Светиниколчани во автопатот кој веќе се гради гледаат можност за економско заживување на општината.
„Некој ќе влезе во Свети Николе нешто ќе се остави, дали во нашите дукани, хотелот да почне да работи ќе има и бензиска пумпа и нови вработувања... Сигурно ќе направат некоја фабрика и тука...Ќе има пократок пат, помалку трошоци ќе има народот“, велат анкетираните светиниколчани.
47 километраската автопатска делница ќе се гради три години. Локалните компании очекуваат дека работа ќе има и за нив.
„Да ни овозможат работа тука и ние да поработиме со кинезите за да се подобри економската ситуација целокупно, а автопатот е добра работа“, рече Горан Иванов, сопственик на компанија за транспорт.
Македонија е земја каде трендот на странски инвеститори е во нагорна линија. Добрата патна инфраструктура е само еден од условите за привлекување на инвеститорите.
Изградбата на автопатот од Скопје до Штип требе да придонесе за развој на индустриските зони во источна Македонија , една од нив е светиниколската. Таа се протега на површина од 150 хектари, празни или за идните инвеститори има уште 130 хектари.
Најава за нови гринфилд инвестиции веќе има, но за локалната власт автопатското приближување до метрополата значи и згаснување на миграцијата.
„Многумина верувам дека ќе побараат тивко и мирно место за живеење од проста причина што ќе посакаат да земат плац во некоја од овие елитни населби кои ги подготвуваме во новиот ГУП“, рече Зоран Тасев, градоначалник на општина Свети Николе.
Откако ќе се почуствуваат бенефициите од автопатот, светиниколчани страмежливо велат, повторно ќе го вратиме на маса барањето за карго- аеродром.
Дијана Иванова
