Претседателот Иванов во официјална посета на Турција
„Да изградиме лидери со вистински вредности и интегритет“- порача претседателот Иванов од Светскиот форум на бизнис- ангели во Истанбул. Шефот на државава ја почна официјалната посета на Турција...

Само со отворен ум младите ќе можат да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови, иновативни решенија на патот до индивидуалниот и колкетивниот успех. Сакаме да изградиме лидери со вистински вредности и интегритет, истакна претседателот Ѓорге Иванов на Светскиот форум на бизнис ангели, што се одржува во Истанбул.
Посочувајќи ја Школата за млади лидери, чиј е основач, шефот на државата им порача на присутните да се вклучат кон овој потфат, преку инвестирање на своето знаење, време и финансии, во идните општествени лидери на Македонија, Балканот, Европа и светот. Наша одговорност е, вели Иванов, да ги подготвиме оние кои доаѓаат после нас, да бидат морални и етички лидери со карактер, интегритет, понизност, фокус на луѓето, одговорност, храбро и мудро да се соочуваат со предизвиците.
„Стана популарно да се вели дека не е важно дали некој политички или бизнис лидер е морален или не, се додека добро ја извршува работата. Способноста, а не карактерот, е она што е важно. Но, прагматизам без морал води кон краткорочни решенија со долгорочно штетни последици. Лидери без морал се дел од проблемот, а не од решението“, нагласи македонскиот претседател Иванов.
На форумот, бизнис фелата сподели мислења, ставови и искуства, истражувања. На исто место се спојуваат младите луѓе со квалитетни идеи и претприемачи, сопственици на старт- ап бизниси, каде со договараат со ангел инвеститор, да инвестираат во нивните бизнис проекти.
За прв пат на „Бизнис ангел“ настанот течат пет симултани самити за различни инвеститори- за претприемачи, за инструменти за финансирање, за социјално претприемништво и ИТ секторот.
Во рамките на Светскиот форум на Бизнис- ангели, на претседателот Ѓорге Иванов му беше доделена награда за светско лидерство. Проектот „Школа за млади лидери“ е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017-та година.
Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Истанбул за МРТ
