Холандска „Антура“ во Кочани ќе отвори 300 работни места

22.02.2014 17:23

Антура од Кочани ќе продава расади на орхидеи на странските пазари, првенствено на западно-европските. Инвестицијата се проценува на 6 милиони евра...

На самиот влез на Кочани речеиси една до друга ќе се простираат погоните на американската компанија Амфенол и холандската Антура. Багерите, машините, камионите, интензивно го рамнат теренот каде што Холанѓаните ја градат фабриката за украсно цвеќе.

Со инвестицијата која се проценува на 6 милиони евра, ќе бидат вработени 300 лица.

„Кога се зема во предвид оваа инвестиција, заедно со американската Амфенол, гледаме дека има голема перспектива во Кочани, за вработување, за иднината на младите. И за дополнително вклучување и на домашните компании во вакви проекти“, истакна Веле Самак- министер без ресор за привлекување странски инвестиции.

Антура од Кочани ќе продава расади на орхидеи на странските пазари, првенствено на западно-европските.

Плановите се до крајот на летото да завршат градежните работи во холандската фабрика, а по обуката на менаџментот во Холандија да започне и пробното производство.

Веќе од крајот на годината за странство треба да заминат првите орхидеи од кочанската почва. Градоначалникот, Ратко Димитровски планира искористување на постојните напуштени погони, но и урбанизација на нови индустриски зони за идни инвеститори.

„Правиме напори да главниот проблем во Општината, невработеноста, го сведеме, ако ништо друго, туку на ниво на Македонија, ако не и подолу“, вели Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани.

Во кочанскиот регион невработени се над 6.000 граѓани, најголемиот дел од нив се над 50 годишна возраст.

 

Катерина Давчева