Талевска призна вина за случајот „Тифани“ на СЈО, заработи двегодишна условна казна

19.02.2018 15:50

Новинарката Ивона Талевска во рок од една година треба да врати околу 1,6 милиони денари по основ неплатен данок, како и да плати казна од илјада евра.

Условна казна од две години која нема да се изврши доколку во наредните четири не го повтори делото, но и обврска да ги врати парите од затаениот данок- ова е пресудата за новинарката Ивона Талевска во случајот „Тифани“. Таа пред судот ја призна вината за даночно затајување.

Талевска во рок од една година треба да врати околу 1,6 милиони денари по основ неплатен данок, како и да плати казна од илјада евра.

Обвинителката е задоволна што обвинетата го признала делото, но ќе почекаат да ја добијат пресудата за да решат дали ќе поднесат жалба.   

Смарт групацијата, пак, треба да плати казна од 200 илјади денари, а за една година и данокот кој бил затаен од над милион.

Случајот „Тифани“ на СЈО се однесува за кривичното дело „затајување данок“ што било извршено во период од шест години.

 

Андријана Атанасовска