Села сведочеше за нападот

19.02.2018 15:54

Зијадин Села лице в лице со обвинетите за убиство во обид. Лидерот на Алијансата за Албанците ги раскажа деталите за нападот од 27-ми април...

Со монитор од компјутер и со копје од државното знаме, насилниците го удриле пратеникот Зијадин Села, по што се зашеметил и паднал на земја. Слушнал истрел, видел луѓе со фантомки и гневна толпа што извикувала пцости и закани – сведочеше Села на предлог на обвинителството во случајот против десетмината обвинети за обид за негово убиство што се случи во Собранието на 27-ми април минатата година.

Рече дека по него цело време одела девојка, за која претпоставува дека е новинарка, го снимала и му велела дека ќе биде нападнат. Сведочеше дека го удирале по главата и телото. Во судницата препозна неколкумина од напаѓачите.

Се освестил во собата 334 во Собранието, а полицајците кои дошле да му помогнат го маскирале како нивен колега и го изнеле надвор од зградата. Се лекувал на КАРИЛ, а потоа и во тетовската болница.

Села сведочеше дека поради интензитетот на повредите сѐ уште прима терапија, а има и проблем со меморијата и со бавно размислување. Неговиот бранител на минатото рочиште побара отштета од 30 милиони денари.

Десетмината обвинети не признаваат вина. Девет од нив се во затворски, а еден во домашен притвор.

 

Анита Димитријевска