Анкара

Иванов на средби со турскиот државен врв

20.02.2018 14:16

Почнаа средбите на претседателот Иванов во Анкара. Остварени се разговори со премиерот Јилдирим, шефот на македонската држава разговараше и со спикерот Караман, а попладнево ќе има средба и со турскиот претседател Ердоган по што ќе следува прес- конференција. Претходно Иванов и првата дама Маја, се поклонија на вечното почивалиште на таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк.

Официјалната посета на Република Турција, шефот на македонската држава Ѓорге Иванов ја почна во мавзолејот со положување венец на гробот на таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк.

Првата средба ја оствари со претседателот на турската влада, Бинали Јилдирим. Размениле мислења за билатералните односи меѓу двете држави. Се информирале за состојбите во двете земји, како и за актуелните состојби во регионот. Претседателот Иванов изразил благодарност за досегашната поддршка од Турција, за членство на Република Македонија во НАТО и изразил очекување таа да продолжи.

Размениле мислења за продлабочување на економската соработка, со очекувања турски компании да инвестираат во Македонија. Станало збор и за продлабочување на соработката меѓу безбедносните служби на двете земји.

Во моментов претседателот Иванов е на средба со претседателот на турското Собрание, Исмаил Караман.

 

Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Анкара за МРТ