Јанукович веќе не е претседател
Опозицијата ги контролира Киев и Парламентот, кој ја презеде власта во земјата. Украинската Рада го отповика претседателот Јанукович и ги закажа предвремените избори за 25 мај. Пратениците со стоечки овации ја испеаја националната химна...

Политиката застана зад украинската улица. Опозицијата ги контролира Киев и Парламентот, кој ја презеде власта во земјата. Украинската Рада го отповика претседателот Јанукович и ги закажа предвремените избори за 25 мај. Пратениците со стоечки овации ја испеаја националната химна. Јанукович, чијашто локација не е позната од ноќеска, во претходно снимена порака на една од украинските телевизии ги опиша настаните во Киев како „државен удар“ на „вандали и бандити“.
„Нема да ја напуштам земјата ниту да дадам оставка. Јас сум легитимно избран претседател и безбедноста ми ја гарантираа меѓународните посредници со кои работев“, порача Јанукович.
Исчезнувањето на Јанукович го открија демонстрантите, кои по повлекувањето на полицијата непречено влегоа во неговата канцеларија и резиденција. Негови соработници тврдат дека е во Харков, но според извори од аеродромот, претседателскиот авион не слетал таму.
А поранешната премиерка Тимошенко, пред неколку часа ослободена од затворот во Харков, патува за Киев. Земјата во моментов ја води Врховната Рада, која функционира во нов формат, без потреба од претседателски потпис, водена од новиот спикер и близок сојузник на Тимошенко Турчинов.
„Министерот за внатрешни Захарченко исчезна. И претседателот Јанукович е на непозната локација. Затоа во Украина единствена легитимна сила останува Парламентот“, соопшти новиот спикер.
Единството на земјата е загрозено откако локалните власти во Харков, на истокот, го предизвикаа легитимитетот на Киев и најавија свои мерки – локални милиции и контрола на складиштата за оружје. На Крим се погласни се барањата за отцепување. Москва порача дека ќе го штити своето малцинство.
Ивана Салтировска
