Малолетничка бременост во „25 Мај“, Обвинителството го истражува случајот

20.02.2018 15:49

Забремениле две малолетни штитенички на домот „25 Мај“ во Скопје. Министерството за труд и социјала тврди- немало злостастување како во претходниот случај. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Царовска. Оформени предмети во Обвинителството...

Нови два случаи на бремени малолетни девојчиња во Домот за деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“. Едното има 15 години, другото 17. Министерството за труд и социјална политика тврди дека не станува збор за злоставување.

Од ресорот велат дека девојчињата биле во љубовна врска со штитеници од домот. 15-годишната штитеничка ја прекинала бременоста. 17- годишната, пак, која кога ќе се породи ќе биде полнолетна, решила да го задржи бебето. Таа по проценка на стручните лица е вратена кај родителите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од ресорната министерка Мила Царовска. Велат, државните институции кои треба да водат грижа за децата се претвораат во место за измачување и терор.

„Животот за трите девојчиња се претвори во трагедија. Последиците по нивното психичко здравје се големи и незаборавни. Дали разбира Мила Царовска низ која голгота поминуваат овие дечиња. Ниту една оставка на директор или некој пониско во хиерархијата на МТСП нема да ја спаси Царовска од одговорност. Одговорност мора да има. Граѓаните очекуваат директна одговорност од Царовска“, изјави Јована Мирчевска, ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, Министерството за труд и социјална политика испрати инспекциски тимови во домот „25 Мај“. Го истражуваат случајот со злоставувањето на 13- годишното девојче, кое пред неколку денови мораше да абортира. За две години, оваа штитеничка била девет пати пријавувана за исчезната и повеќепати силувана.

Откако во јавноста беше обелоденет случајот на сексуална експлоатација на штитеничка од домот „25 Мај“, директорт си поднесе оставка. Полицијата, пак, поднесе кривична пријава против 18-годишник од Велес за полов напад врз дете.

Основните јавни обвинителства во Скопје и во Велес тврдат дека активно преземаат дејствија за расчистување на случајот. Оформени се предмети. Се проверува работењето на установата, се сослушуваат сведоци кои може да придонесат за утврдување на фактите, а се постапува и по пријавата од родителите на девојчето против вработени во домот, кои се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување и за несовесно работење.

Исто така, од Обвинителството побарале информации и за последните две штитетнички од домот. Обвинителствата не соопштуваат повеќе детали за да не се наруши тајноста на постапката.

 

Андријана Атанасовска