Здравство

Висока стапка на смртност: Од 120 новороденчиња, едно умира

20.02.2018 15:59

По Молдавија, Македонија втора во Европа со највисока стапка на смртност на новороденчиња. УНИЦЕФ објави листа, почна кампањата „За секое дете, ЖИВОТ“...

Од 120 родени бебиња во Македонија, едно умира. Земјава на 105-то место по смртност на новороденчиња од 184 земји во светот, втора од дното во Европа, покажува најновиот извештај на УНИЦЕФ. Над 80 насто од смртните случаи се должат на предвремено породување, компликации за време на породувањето или инфекции како што се пневмонија и сепса, покажува истражувањето.

Раководителката на одделот за интензивна нега на новороденчиња на скопската Клиника за гинекологија, вели дека најбитна е превенцијата од предвремено раѓање. Доктор Петковска вели дека во Македонија недостига здравствено образование во училиштата кое со сигурност ќе помогне во справување со црната статистика.

Од Министерството за здравство информираат декавеќе се работи на ревидирање на упатството базирано на докази за постапување при постпородилно крварење, подготвени се упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, а се ревидирани и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња. Во однос на долгорочните мерки, се работи на обезбедување животоспасувачки лекови за мајките и новороденчињата кои ќе бидат достапни во сите родилишта.

Според резултатите на УНИЦЕФ, бебињата родени во Јапонија, Исланд и Сингапур имаат најдобри шанси за преживување, за разлика од новороденчињата во Пакистан, Централноафриканската Република и Авганистан. Во сиромашните земји, просечната стапка на смртност кај новороденчињата изнесува 27 смртни случаи на 1.000 деца, а во богатите таа стапка е 3 смртни случаи на 1.000.

Овој месец, УНИЦЕФ почнува со глобална кампања „За секое дете, ЖИВОТ“,упатува и итен апел до владите за вработување и едукација на здравствените работници, но и за подобрување на условите за живот.

Ако до 2030 година, секоја земја ја доведе стапката на смртност кај новороденчињата до просекот на земјите со висок приход, може да се спасат 16 милиони животи.

Наташа Јанчиќ