Иванов во Анкара: Покана за членство во НАТО- дополнителен поттик за реформските процеси

20.02.2018 16:59

Покана за членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен поттик за реформските процеси во земјата, порача претседателот Иванов од Анкара. Оствари средби со државниот врв на земјата, Ердоган, Караман, Јилдирим. Разменети мислења за билатералните односи меѓу Македонија и Турција. Македонска делегација положи венец во мавзолејот на Ататурк...

Со високи државни и воени почести, претседателот Ѓорге Иванов беше пречекан од својот турски колега Реџеп Таип Ердоган, во претседателската палата во Анакра. Се уште трае средбата на двајцата претседатели, во чиј фокус се актуелните политички случувања во двете земји. По средбата предвидена е прес- конференција за медиумите.

Покана за членство на Македонија во НАТО, ќе биде дополнтелен поттик за реформските процеси во земјата, а ќе придонесе за долгорочна стабилност и безбедност на регионот, порачал шефот на македонската држава Иванов, на средбите со турскиот премиер Бинали Јилдирим, и претседателот на турското Собрание, Исмаил Караман.

Иванов се надева на турска поддршка и на јулскиот самит на НАТО во Брисел. На средбите биле разменети информации за состојбите во двете земји, за актуелните случувања во регионот, а станало збор и за економската соработка со интензивирање на трговската размена.

Иванов изразил очекување за поголем интерес на турски компании за инвестирање во Македонија. Било разговарано и за продлабочување на соработката меѓу безбедносните служби на двете држави и изнаоѓање ефикасни средства и методи за превенција и борба против ширењето на насилен екстремизам и тероризам.

Во рамките на официјалната посета на Република Турција, претседателот Иванов положи венец во мавзолејот на Кемал Ататук.

Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Анкара за МРТ