Се подготвуваат прекршочни и кривични пријави за одговорни и стручни лица за случајот во „25 Мај“
По вчерашниот вонреден инспекциски надзор во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје и многубројните неправилности, ресорното министерство најави дека се подготвуваат прекршочни и кривични пријави за одговорни и стручни лица, а сите сознанија и докази за овој случај се доставуваат до Основното јавно обвинителство. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ во овој случај министерката Царовска и службите покажале неспособност и неодговорност и се обидуваат одговорноста да ја префрлат врз малолетните девојчиња.

Претходниот старател знаел дека 13-годишната штитеничка од домот „25 Мај“ е силувана, но не пријавил во полиција- ова го покажал вонредниот инспекциски надзор во Меѓуопштинскиот ентар за социјална работа на Скопје. Девојчето уште во октомври 2016-та го информирала старателот дека летото имала полов однос со одредено лице, но првите пријави во полиција за можна жртва на трговија со луѓе биле доставени во јули минатата година, по промената на координаторот на предметот.
Тогаш штитеничката била привремено сместена во шелтер- центар, но изостанала реакција од Обвинителството. Министерството за труд и социјална политика подготвува прекршочни и кривични пријави за раководни и стручни лица од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, констатирани се и низа неправилности во работењето.
„Покрај лоцирањето на одговорност во Центарот за социјална работа, Министерството за труд и социјална политика паралелно ја испитува и работата на Заводот за згрижување деца со воспитно- социјални проблеми и поведение, каде што е во тек инспекциски увид. Деталите, исто така, ќе бидат споделени во јавноста“, пишува во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од министерката Царовска.
„Царовска треба веднаш да поднесе неотповиклива оставка од морални и политички причини. Се работи за физичкото и психичкото здравје на децата штитеници на установата која презела обврска да се грижи за нивното воспитување и здравје, институција во ресорот на Мила Царовска“, изјави Јована Мирчевска од ВМРО - ДПМНЕ.
Во домот „25 Мај“ уште две малолетни девојчиња останале бремени, но е утврдено дека не станува збор за малтретирање.
Андријана Атанасовска
