Промовирана координативната мрежа „Сите за унитарна Македонија“

21.02.2018 13:52

Единаесет граѓански здруженија промовираа македонска координативна мрежа „Сите за унитарна Македонија“, преку која го најавија своето делување во следниот период. Во неколкуте точки тие бараат безусловен крај на разговорите со владата на Грција и продолжување на членството во меѓународните организации под името Македонија.

Безусловен прекин на разговорите со Владата на Грција и продолжување на членството во меѓународните организации под името Македонија, бара Координативната мрежа „Сите за унитарна Македонија“ составена од 11 граѓански здруженија.

Инсистираат и на поништување на Законот за јазиците, на Договорот за добрососедство со Бугарија и ослободување на притворените и осудените за собраниските настани од 27-ми април, бидејќи како што велат, тие не се терористи туку се уставобранители.

Од „Сите за унитарна Македонија“ велат дека не прифаќаат членство во Европската унија и во НАТО поради антимакедонизмот, на како што велат Грција и Бугарија кои бараат промена на името на државата, но и на јазикот, културата и историјата.

Со Македонија не има, без Македонија ќе исчезнеме заедно, велат во Координативната мрежа. Ги повикаа граѓаните на семакедонскиот протест и марш кој ќе се одржи на 27-ми пред канцеларијата на Европската унија во Скопје.

 

Миле Ристески