Случај „Тендери“: Одбраната ги спори вештачењата, следно рочиште на 13-ти март

21.02.2018 14:59

Судењето на екс- министерката Канческа- Милевска во предметот на СЈО- „Тендери“ ќе продолжи на 13-ти март. Дотогаш судијата ќе теба да се произнесе по приговорите на одбраната во однос на вештачењето на доказите и надлежностите на СЈО во овој предмет.

Адвокатите на екс- министерката Елизабета Канческа- Милевска бараат да се одбие вештачењето во случајот „Тендери“ и да се издвои од доказите. Тврдат- експертизата од 700 страници ја изработиле лица вработени во странска компанија, без валидни лиценци кои по завршената истрага противзаконски побарале од Министерството за култура нови документи, за како што вели одбраната, да направат објективно вештачење, иако вештачењето веќе било готово.

Обвинителот, пак, тврди- од вештакот добил одговор дека со документите што ги побарал од Министерството сакал да го провери својот стручен извештај.

Канческа- Милевска заедно со уште две поранешни колешки од ресорот се товарат за злоупотреби при тендерска постапка за изградба на градежни работи на Музејот на народната борба кој е дел од проектот „Скопје 2014“.

 

Анита Димитријевска