Меркел: Проблемот со името треба да биде решен, секој компромис е болен

21.02.2018 16:03

Германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин разговaраше со премиерот Зоран Заев, кој ја покани да ја посети земјава. Германија ја поддржува нашата интеграција во ЕУ и во НАТО...

„Проблемот со името треба да биде решен. Секој компромис е болен, но тој мора да може да се реализира, тоа е умешноста на дипломатијата“- вака германската канцеларка Ангела Меркел гледа на отвореното прашање меѓу Македонија и Грција. Вели дека преголем притисок нема да биде од корист. Таа во Берлин разговaраше со премиерот Заев, кој ја покани да ја посети земјава. Германија ја поддржува нашата интеграција во ЕУ и во НАТО.

„Спорот меѓу Македонија и Грција треба да биде решен, притисокот во преговорите не носи корист. Имам впечаток дека двете страни по долго време имаат интерес за решавање на спорот. Тоа е добар предуслов“, изјави канцеларката Меркел.

Германската канцеларка истакна дека Македонија е поблиску од кога и да е во изминатата декада до решение за спорот со Грција околу името, кој го попречува интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО.

„Ме претставува големо задоволство тоа што има придвижување во преговорите. Во изминатите десет години решението не било толку блиску, како што е сега и би било извонредно доколку двете страни успеат да ги премостат препреките“, истакна Меркел.

Таа напомена дека и двете страни се однесуваат одговорно во обновените преговори и оти и Грција и Македонија знаат што можат да дадат за да се постигне компромис.