Белград

Лавров: ЕУ е пасивна на идеите за Голема Албанија, се крши Охридскиот договор

22.02.2018 10:35

Србија нема да воведе санкции на Русија, таа е ориентирана кон ЕУ, но Москва секогаш била пријателски настроена кон Белград. Рускиот шеф на дипломатијата Лавров е дводневна посета на Србија, меѓудругото оцени- во Македонија не може да се остваруваат платформи на други држави, кои го загрозуваат Охридскиот договор...

На средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, разговарано е за економските односи, енергетиката, воено- технолошката соработка и Косово.

Лавров ги поздрави напорите на Србија за влез во ЕУ, посочувајќи дека иако земјата соработува со НАТО, статусот на неутралност е еден од најважните фактори за безбедност на Балканот. Тој потенцираше дека регионот се соочува со многу проблеми, наведувајќи го Косово и дека е загрижен поради пасивноста на ЕУ, а како пример ја посочи Македонија и прекршувањето на Охридскиот договор.

Во Македонија имаше парламентарни избори, претседателот на Парламентот кога дојде на функција, влезе во кабинетот и го стави албанската знаме на својата маса. Овие денови шефот на албанската влада Рама гордо изјави дека токму тој од Албанија го иницирал законот кој е во македонскиот Парламент со кој на албанскиот јазик му го дава статусот на државен јазик и на тој начин го прекршува Охридскиот рамковен договор кој пред многу години беше основа за смирување на кризата во земјата“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Лавров констатираше дека доколку „овие достигнувања бидат урнати, она што толку тешко го усогласувавме во Македонија, Босна или било каде на Западен Балкан, тогаш ќе имаме основа да ја замолиме ЕУ да даде извештај на кој начин ги исполнува сопствените одлуки и колку тие одговараат на дадената доверба од меѓународната заедница“.

Српскиот претседател говорејќи околу условите во Стратегијата за проширување на ЕУ и односите меѓу Србија и Русија изјави:

„Србија е на европскиот пат, но ќе продолжи да гради најдобри односи со Русија. Претпоставувам дека ќе има различни видови желби и притисоци односите да се движат во поинаква насока, но Србија ќе биде на иста линија, ќе ги почитува традиционалните односи и ќе развива најдобри односи со Русија.Ова можеби некому нема да му се допадне, но ние сме независна држава и нема да воведуваме санкции кон Русија“- рече српскиот претседател, Вучиќ.

Дводневната посета на Лавров продолжува со билетерални средби со премиерката Ана Брнабиќ и со Ивица Дачиќ, кому на свечена церемонија ќе му биде врачен Орденот за пријателство, со кој беше одликуван од рускиот претседател Владимир Путин.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ