Олимпијада

Мат е златниот слаломист, Ристевски на 29 место

22.02.2014 19:43

Мат, 34 годишниот ветеран на светското скијање блескаше како никогаш во годините наназад...

Марио Мат е слаломскиот славодобитник. Македонскиот алпинец Антонио Ристевски заврши како 29-ти актер од завршната олимписка претстава на светските алпинци.

Мат, 34 годишниот ветеран на светското скијање блескаше како никогаш во годините наназад... Силата, умешноста, искуството меѓу вратите го лансираа во олимпиското соѕвездие. Беше импресивен  особено во првата трка,започнатото успешно го заврши.  На  залезот од кариерата ја извојува животната своја  победа. Мат стана највозрасниот олимписки победник во алпското скијање.Фаворизираниот негов  колега од австрискиот тим Марсел Хиршер  го освои   сребрениот медал. Тој направи голем резултатски прогрес од 9-то место по првиот дел, искачувајќи се на подиумот со резултатски дефицит од 28 стотинки. Од големото слаломско чистилиште на исклучително тешката патека, со добитна комбинација излезе 19 годишниот јуниор од Норвешка Хенрик Кристоферсен освојувајќи го бронзениот медал.

29-то место на Антонио Ристевски е најдобриот пласман на еден Македонец во 5-те досегашни учества на Олимписките игри. По првото возење беше на 56-то место, настапот го заврши  со заостанување од 16 секунди и 60 стотинки зад победникот. Низ целта минаа вкупно  43-ца натпреварувачи.

Слалом (М): резултати

1.Марио Мат (А) 1:41.84 сек

2.Марсел Хиршер (А) +0.28

3.Хенрик Кристоферсен (Нор) +0.83

4.Стефано Грос (И) +0.88

5. Фриц Допфер (Гер) +0.88

6.Адам Зампа(Сло) +1.44

29.Антонио Ристевски (МКД) +16.60