Хан: Македонија ќе добие препорака за почеток на преговори со ЕУ
Почеток на преговорите за Македонија најави еврокомесарот Хан. Ова може да се случи на јунскиот самит, што ќе биде потврдено од Европскиот совет, вообичаено на самитот во декември. За премиерот Заев, кој учествуваше на конференцијата организирана од фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин, 2018- та е клучна година за Македонија...

Европската унија ќе препорача почнување преговори со Албанија и со Македонија, најави еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан во интервју за германскиот весник „Ди Велт“.
„Европската комисија набрзо, најверојатно до летото, ќе препорача земјите- членки да почнат пристапни преговори со Албанија и со поранешната југословенска Република Македонија. Веруваме дека двете држави направија важни реформи во минатото и затоа се квалификуваа за овој чекор“, вели еврокомесарот.
Последната најава на еврокомесарот за проширување доаѓа непосредно пред посетата на првиот човек на Европската комисија, Жан Клод Јункер којшто својата балканска турнеја ќе ја почне од Македонија. Овие последни гестови на Брисел се оценуваат како потврда за европската перспектива на Западниот Балкан.
„Очекувам Јункер да го искористи моментот, да се сретне со лидерите, партиите и јавноста, да објасни дека ова е важен момент и дека заедно со премиерот Борисов ќе се сретнат со шесте земји. Ова се важни чекори пред Самитот за Западен Балкан закажан за 17-ти мај. Ова е уште еден доказ за обновениот интерес и динамика што Европската комисија ги воведе во односите со партнерите од Западен Балкан“, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритас Скинас.
Премиерот Заев на дебата во Берлин во организација на „Фридрих Еберт“ оцени- годинава е клучна.
„Во 2018-та година, главните амбиции на Република Македонија се да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ и да станеме 30-та членка на НАТО. Импулсот на ЕУ е изграден. Силно верувам дека Македонија заслужува индивидуална проценка. Ние сме кандидат за ЕУ од 2005-та година“, изјави Заев.
Спротивставувањето на Грција поради името беше главна причина што Европскиот совет не донесе одлука за почнување на преговори со Македонија. Сега, по интензивирањето на разговорите за името се оценува дека е создадена атмосфера за конечно решение на долгогодишниот спор.
Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот порача- Македонија и Грција да не поставуваат црвени линии и да сторат сѐ за да го решат прашањето за името.
Ирина Гелевска
