Корупција

Тасева: Продолжува политиката заснована на клиентелизам и интереси

22.02.2018 13:54

Македонија е на 107 место на листата за перцепција на корупцијата, посочија од „Транспаренси Интернешнл“. Падот за 17 места укажува, политиката на клиентелизам и интереси, продолжува, изјави Тасева.

Македонија бележи пад од 17 места, и се наоѓа на досега најниското 107 место на ранг- листата за перцепција на корупцијата. Проблемот и понатаму е сериозен - потврдува Извештајот на „Транспаренси Интернешнл“ за 2017-та година.

Наведено е дека системот на заробена држава опстојува и оневозможува работење на институциите што се задолжени за борба против корупцијата.

„Резултатот покажува дека продолжува политиката заснована на клиентелизам и интереси, и власта продолжува да ги занемарува сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата. Укажуваме дека овој систем мора да се замени со систем во кој ќе владее правото“, изјави Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“.

Според Тасева, мерките не вродиле со успех. Владата не успеала да го воспостави долгонајавуваниот принцип на индивидуална одговорност, а корумпираните сѐ уште се заштитени и недопирливи. „Транспаренси“ ги посочува државниот и јавниот сектор и правосудниот систем како подложни на корупција.

На регионален план, сите држави кои се кандидати за членство во ЕУ имаат подобар резултат од Македонија.

 

Марина Стојанова- Тонева