Отстранет споменикот на Ќосето, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за вандализам
Споменикот на Ќосето отстранет од пред Врховниот суд. Надлежните велат – бил дивоградба, на негово место ќе се засади дрво. ВМРО-ДПМНЕ обвинува за вандализам, за СДСМ се става крај на самоволието во Скопје...

Споменикот на Андон Лазов Јанев- Ќосето повеќе не е исправен пред комплексот судови. Остранет е во текот на ноќта откако инвеститорот, Град Скопје добил информација од Општина Центар дека обележјето претставува дивоградба. Градоначалникот Петре Шилегов соопшти дека на местото на споменикот, напролет ќе биде засадено дрво Гинко што ќе ги симболизира човековите права.
„Ќе биде изгравирана плочка од Членот 10 од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, Членот 10 гласи- „Секој има потполно право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд при определувањата на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.“ Пораката што ќе ја испрати градот до граѓаните е дека во судот правдата е слепа и се дели непристрасно“, рече градоначалникот Шилегов.
Шилегов тврди дека акцијата за отстранување на споменикот била спроведена ноќе за да не се загрози безбедноста во сообраќајот и да не се предизвика застој на една од најфрекфентните крстосници во градот.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека надлежните се занимаваат со рушење и деструкција. Од опозициската партија велат дека споменикот не бил дивоградба. Според нив, Социјалдемократите се однесуваат вандалски и работат на уништување на македонскиот дух.
„Споменикот не е дивоградба, како што тие кажуваат. Советот на Град Скопје, согласно закон со Бадентерово мнозинство има донесено одлука за негово поставување. Општина Центар има доделено маркица врз основа на деталниот урбанистички план. Тоа се фактите, а тоа што го направи СДСМ е вандалски чин“, изјави Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
За СДСМ, со потегот на локалните власти се става крај на самоволието и бесправното поставување објекти и споменици во Скопје. Според Социјалдемократите, несоодветно е споменик на контроверзна историска личност, позната по сурово постапување, да стои пред зградите на највисоките судски органи.
Споменикот на Ќосето сега е во просториите на Металскиот завод- Тито. Ќе биде повикан донаторот кој ќе има обрска да го земе во рок од 30 дена. Во наредните денови ќе се урива и постаментот.
Споменикот на Андон Јанев- Ќосето беше еден од петте споменици поставени на различни локации на седми септември во 2014-та година, како донација од Здружението за духовно обединување на сетинци, попадинци и крушоради од Лерин.
Андријана Атанасовска
