Во скопска Апелација јавни седници по жалби на осомничени за собраниските настани

22.02.2018 16:07

Во скопска Апелација – јавни седници по жалби на осомничени за собраниските настани од 27-ми април. Пратеникот Мукоски се пожали на нарушено здравје, екс-министерот Димовски бара да му се укине куќниот притвор. Пратеникот Сашо Василевски останува во притвор...

80 дена колку што сум во притвор трае мојата агонија. Здравјето ми е нарушено. Барам да ме пуштите да си одам дома за да закрепнам- изјави пратеникот Крсто Мукоски пред советот на Апелацискиот суд кој одлучува по неговата жалба за притворот.

Неговиот сопартиец екс- министерот Љупчо Димовски, пак побара да му се укине куќниот притвор. Рече дека бил сослушан во обвинителството, а поради фактот што не чувствува вина, нема намера да бега и да се крие.

Вишите јавни обвинители останаа на ставот дека осомничените може да побегнат или да го повторат делото, па побараа од Советот да ги отфрли нивните жалби како неосновани.

Во Апелацискиот суд се разгледаа и жалбите на разузнавачот Мунир Пепиќ и на актерот Владо Јовановски. Кривичниот суд претходно и за двајцата донесе одлука да им го продолжи ефективниот притвор за уште 30 дена.

Советот на скопска Апелација ги потврди одлуките на Кривичниот суд за четворица осомничени за настаните од 27-ми април минатата година чиишто жалби беа разгледани во текот на вчерашниот ден. Пратеникот Сашо Василевски, според одлуката на судот, останува во притвор.

Апелацискиот суд ги одби и жалбите на началникот во МВР, Душко Лазаров, на шефот на обезбедување на екс- спикерот Вељаноски, осомничениот Горан Ѓошевски и на Митко Пешов, началник на посебните и специјални единици.

 

Анита Димитријевска