Заев- Јазбец: Словенија ќе го помага локалниот развој на Македонија

23.02.2018 11:26

Проектите ќе бидат значајни за општините и жителите во внатрешноста во Македонија. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, амбасадорот Јазбец оценил дека се чувствуваат позитивните промени во Република Македонија.

Преку грантови и инвестиции во проекти за питка вода и за отпадни води, Словенија ќе го помага локалниот развој на Македонија. Ова е договорено на денешната средба на премиерот Зоран Заев со словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Јазбец.

Проектите ќе бидат значајни за општините и жителите во внатрешноста во Македонија. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, амбасадорот Јазбец оценил дека се чувствуваат позитивните промени во Република Македонија. Јазбец му честитал на премиерот Заев за ефектите од засилената дипломатска активност што, како што се наведува, ги отвораат перспективите на државата кон ЕУ и НАТО, но и за економски развој и квалитетен живот на граѓаните на Македонија.

Амбасадорот Јазбец го пренел интересот на словенечката Влада и на словенечки фирми за учество во вакви инвестиции, што се разгледува да се реализираат и со вклучување на Владата на Македонија, на општините и на приватни домашни ресурси, согласно потребите.

Заев и Јазбец констатирале дека се создадени услови за интензивирање на искреното и многугодишно пријателство што го имаат двете држави.

На средбата се разговарало и за политичката клима во двете држави и за претстојната официјална посета на словенечкиот премиер Миро Церар на Република Македонија.