Анализирани 12 правосилни судски пресуди

23.02.2018 15:07

Недоволно образложени обвинителни акти, незаконски притвори, нецелосно утврдена фактичка состојба при изрекувањето пресуди. Вакви и слични повреди се детектирани од „Транспаренси Интернешнел“ при анализата на 12 правосилни судски пресуди. Од невладината препорачуваат - надлежните да ги земат предвид нивните забелешки и да ги преиспитаат пресудите.

„Детонатор“, „Фаланга“, „Ликвидација“, „Отпад“ - ова се дел од 12- те судски предмети, чии правосилни пресуди биле анализирани од невладиниот сектор.

Утврдено е дека има обвиненија кои не се поткрепени со доволно докази за вината на лицата под истрага, недостасувал и опис на дејствијата што секој обвинет конкретно ги презел, а не биле ни целосно утврдени околностите за определување на мерката притвор.

Во анализата се наведува дека има пресуди кои биле засновани исклучиво на индиректни докази, без да се утврди мотивот за стореното дело, а законот се кршел на штета на осудените лица кои добивале високи казни.

Самиот извештај кој не е обврзувачки за судиите да ги променат пресудите, вели Тасева, е добра основа осудените лица да ги искористат вонредните правни лекови и да почнат постапка за ревидирање на пресудите.

 

Анита Димитријевска