Кривични пријави за 11 лица од „25 Мај“
Единаесет вработени во „25 Мај“ ќе одговараат кривично за 13 годишната штитеничка од домот која подолг период била сексуално злоставувана и абортирала на Гинекологија. Ресорното министерство најави и дисциплински постапки...

Единаесет кривични пријави против вработени во Центарот за социјални работи ќе поднесе ресорното министерство до Обвинителството. Овие луѓе се осомничени за несовесно реаботење и запуштање малолетно лице. Вонредниот инспекциски надзор покажал дека освен повреда на Кривичниот законик, има основа и за дисциплински постапки. Случајот се отвора поради 13- годишната штитеничка од домот „25 Мај“ која подолг период била сексуално злоставувана, за пред една недела да абортира на гинекологија.
„Оваа пријава ќе биде покрената против сите лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012- 2017 година. Од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита“- пишува во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.
Откако беше обелоденет случајот на сексуална експлоатација на штитеничка од домот „25 Мај“, во јавноста се дозна за уште две малолетни девојчиња кои останале бремени, но е утврдено дека не станува збор за злоставување.
Андријана Атанасовска
