ЕУ не ветува брз прием, дава поддршка за Западен Балкан
„ЕУ не ветува брз прием, само дава поддршка на земјите од Западен Балкан“. Европските шефови на дипломатиите децидни дека ќе има проширување. Не прогнозираат која земја од регионот би била прва за прием.

Никому не ветуваме брз прием, само сакаме да дадеме поддршка на земјите од Западен Балкан кои се на вистинскиот пат за евроинтеграција. Европските шефови на дипломатии децидни дека ќе има проширување на ЕУ, но не наскоро и без прогнози која земја од регионот би била прва за прием.
„Трет приоритет на бугарското претседателство што е прифатен и од другите членки е европската перспектива и поврзување со земјите од Западниот Балкан. Затоа што ние веруваме дека овие држави географски се дел од Европа, и Европа нема да биде завршен проект без нив. Ова не значи дека ветуваме брз прием. Секоја држава мора да ја заврши својата домашна работа. Не им даваме лажна надеж, туку поддршка за економски развој и поврзување меѓу себе и со европските членки“, изајви Лилјана Павлова, министер за бугарското претседателство со ЕУ.
Европската унија е базирана врз заеднички вредности и принципи на демократијата, владеењето на правото и човековите права. Сите земји што сакаат да станат дел од Унијата мора да ги почитуваат овие критериуми.
„Да се биде членка на ЕУ не е само географски факт, туку и политичка обврска за владеење на правото, демократијата и човековите права. Кандидатките треба да ги исполнат Копенхашките критериуми, но откако ќе станат членка немаме механизам дали се придружуваат на нив“, изјави Дидие Рејндерс, министер за надворешни работи на Белгија.
На форумот ЦЕПС во Брисел што ги собира највисоките европски лидери и креатори на политики во Унијата, учествуваше и министерот за надворешни работи Никола Димитров со излагања на дебатите за „Копенхашката дилема на ЕУ: Зачувување на владеењето на правото пред и по пристапувањето“ и „Западен Балкан- црна дупка на Европската унија“.
Ирина Гелевска
