ВМРО-ДПМНЕ се противи на идејата за зголемување на старосната граница за пензионирање
Зголемувањето на старосната граница за пензионирање ќе се одрази на економијата и на граѓаните- предупреди опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата се противи на ваквата непопуларна мерка. Реакцијата следи откако премиерот Заев на сесијата за пратенички прашања говореше за дупката во Фондот за пензиско осигурување и не ја отфрли можноста за промени во политиките за стабилизирање на ПИОМ...

Зголемувањето на старосната граница за пензионирање и на стапката за придонесите ќе се одрази врз економијата, работодавачите и работниците, реагираат од ВМРО- ДПМНЕ по најавата на премиерот Заев за примена на непопуларни мерки. Според опозициската партија продолжувањето на работниот век ќе го забави економскиот раст и ќе влијае на зголемување на невработеноста. Се согласуваат со ставовите на синдикатите и организациите на работодавачите за незголемување на старосната граница.
„Целосно неиздржани се и предлозите за зголемување на стапката на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, тоа ќе предизвика застој во отворање на нови работни места и пад на платата на веќе вработените“, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Заев вели дека идните пензионери треба да бидат загрижени, бидејќи Фондот за пензиско осигурување се празни. Најавува дека се потребни структурни промени за да заздрави економијата. Непопуларните мерки меѓу кои и онаа за подигање на старосната граница, би можела да се случи доколку не застане економијата на здрави нозе и не се зголемат платите, рече премиерот Заев на вчерашните пратенички прашања.
„Ако успееме соодветно брзо да го подигнеме тој капацитет на државата, ќе се обидеме да нема никакви непопуларни мерки, но, ако треба да има такви мерки, јас ќе ги соопштам за да знаат луѓето кои би биле. Се надевам дека нема да има потреба да ги употребиме. Првата мерка којашто западот ја употребува е дигање на годините за пензија“, изјави премиерот Зоран Заев.
Според премиерот во идниот период ќе треба да се направат контроли како се исплаќаат пензиите и по кој основ и дали правилно се плаќаат придонесите.
Дијана Ценевска
