Цветковски: Во мојот мандат се работело и ќе се работи законски

25.02.2018 14:22

Немам никаква кривична вина, ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТ се работело и ќе се работи согласно законот- изјави директорот на МРТ, Марјан Цветковски, во врска со денешните информации за поднесена кривична пријава против него...

„Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана утрово дека против мене е поднесена кривична пријава. Веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина, ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТ се работело и ќе се работи согласно законот“, изјави директорот на МРТ, Марјан Цветковски, во врска со денешните информации за поднесена кривична пријава против него.

„Иако постојат многу сугестии, коинциденции и поврзувања, не би сакал да верувам дека оваа поднесена кривична пријава е резултат на фактот дека повторно добив доверба да раководам со МРТ. Напоменувам дека МРТ е сериозен и гломазен систем каде во секоја постапка учествуваат голем број на служби и секој во рамките на своите надлезности постапува. Сакам да напоменам дека за споменатиот договор има судски спор и не е исплатен во целост“- изјави Цветковски.

Цветковски верува дека во овие специфични услови и амбиент, ќе ја докаже правдата и нема да дозволи оваа постапка да го девалвира и дефокусира од реализацијата на планот за подигнување на МРТ на едно повисоко, квалитативно ниво во секој поглед, како и да ја развива улогата на МРТ како промотор на државните, европските и евроатлантски вредности.