Шекеринска: Македонија даде до знаење дека е подготвена за изнаоѓање решение годинава
Македонија даде до знаење дека е подготвена за изнаоѓање решение годинава, со што ќе бидат остранети сите резерви за членсво во Алијасната, изјави министерката за одбрана, Шекеринска. За безбедносните експерти единствен пат кој ја води земјава кон развој е членството во НАТО...

Ако не постои решение сега, тогаш решение ќе нема. Сепак, многу е важно што Македонија многу јасно даде до знаење дека сме подготвени, дека работиме и дека сме заинтересирани за решение и тоа годинава, а не после десет години, изјави министерката за одбрана Шекеринска.
„Ако тоа го направиме, тогаш и грчката Влада ќе треба добро да образложи зошто самите не се подготвени да инвестираат во поголема безбедност во своето соседство. Нашите одлуки се наши, не се доволни за да се дојде до решение, но сметам дека и ЕУ и земјите- членки на НАТО реално се заинтересирани од своите членки да бараат одреден придонес кон безбедноста на регионот и во европскиот континент“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Нашата цел беше да ги отстраниме сите резерви за тоа дали земјава заслужува членство во НАТО и ЕУ. Немаме сомнеж дека како Влада, без разлика што ќе се случи ние ќе ги гарантираме нашите граници нашата безбедност. Тоа треба да се случи без разлика дали сме во НАТО или надвор од Алијансата, рече ресорната министерка по потпишувањето на Меморандум за соработка со деканот на Факултетот за безбедност.
Според Дујовски, единствениот пат кој ќе ја води земјата кон развој е членството во НАТО.
„Што поскоро да имаме институции, кои не само што ќе бидат дел од НАТО, кои ќе бидат компактибилни, ќе бидат добри партнери, ќе можат да организираат и да се носат со сите активности кои алијансата ги планира. Години наназад тоа и го докажавме со учеството во бројни мисии, сега останува реално да почнеме и да користиме од сето тоа“, изјави деканот Дујовски.
Шекеринска и Дујовски по потпишување на Меморандумот за соработка одржаа предавање за предностите на земјава од влегувањето во НАТО и во ЕУ.
Фиљана Кока
