Иновации во конзервната индустрија
Конзервните фабрики велат дека мора годишно да се воведуваат по најмалку два нови артикли, со кои ќе бидат конкурентни на светските пазари...

Пиперка, домат и уште стотици различни комбинации на нивно подготвување. Вкусовите на потрошувачите се менуваат од година во година, затоа е многу важно компаниите да инвестираат во нови производи. Конзервните фабрики велат дека мора годишно да се воведуваат по најмалку два нови артикли, со кои ќе бидат конкурентни на светските пазари. Уште повеќе, со тоа да им одговорат на побарувањата и вкусовите на потрошувачите.
„Во првите години пазарот бараше маринирана пиперка, после печена, а сега оплеменета. Со додатоци, на пример пиперка со сирење, пиперка со туна“, објаснува Драги Горгиев од прехрамбената фабрика „Бест Фуд“ од Радовиш.
Експертите истакнуваат дека големите светски компании вложуваат и до 70% од нивниот профит во иновации. Тоа е економски процес кој преку конкурентноста на производите, ќе обезбеди поголем профит, но и развој на компаниите.
„Иновативните организации треба секојпат да бидат склони кон промена, и на нивното адаптирање и кон пазарот и кон потрошувачите. Една организација ќе биде инвентивна само тогаш кога ќе ги задоволи барањата и на пазарот и на потрошувачите и ќе биде подобра од конкуренцијата“, вели професор Кристина Крстеска од „Бизнис Академија Смилевски“.
Аналитичарите велат дека и македонските компании фаќаат чекор со иновативните трендови. Доказ за тоа се секојдневното промовирање нови производи, или производи во нови подобрени амбалажи.
Катерина Давчева
