За да заработат повеќе, кинеските родители ги напуштаат децата

23.02.2014 12:10

Според едно меѓународно истражување, 70 проценти од напуштените деца подоцна во животот страдаат од депресија и анксиозност...

Семејството Веи се собра за Кинеската нова година. Тоа е единственото време кога родителите се дома со децата. Мајката и таткото ја напуштија семејната фарма и заминаа во градот за да заработат за децата, коишто немаат време да ги видат.

Моравме да заминеме да работиме и немаме време да ги чуваме, па ги оставаме дома со бабите и дедовците“, вели таткото Лији Веи.

Не сакаме да заминеме, но мора да заработиме повеќе за нивното образование и за храна“, додава мајката Менг Џинксиу.

Џианг Тинг има 11 години и е најстара од петте деца. После часовите, таа ги пишува домашните работи со малечките. Бабата и дедото имаат 80 години и се премногу стари и слаби за да се грижат за нив. Тие ги учат децата на традиционалните вредности.

Посреќна сум со мајка ми и татко ми. Сакам да бидам со нив“, вели 11 годишната  Џијанг Тинг.

По празниците, децата се збогуваат со родителите. Психолозите предупредуваат колку се опасни ваквите разделби за развојот на детската личност.

Бидејќи ги напуштаат, одбиваат да формираат блиски врски. Мислат дека тие врски секогаш се растураат. Тешко формираат семејства и имаат проблеми со шефовите и со колегите“, вели детскиот психолог Лиу Пинг.

Според едно меѓународно истражување, 70 проценти од напуштените деца подоцна во животот страдаат од депресија и анксиозност.

Ивана Салтировска