Дебата за насилството врз децата на меѓународна конференција во Скопје
Од Првата детска амбасада сомнежи дека и други девојчиња биле сексуално злоупотребувани од постари штитеници на домот „25 Мај“. Директорот Змијанац бара кривичните дела за педофилија и трговија со деца да не застаруваат. За насилството врз децата се дебатираше и на меѓународната конференција, на која учествуваа делегати од 10 држави...

Постојат повеќе кривични основи по кои може да се гонат лицата коишто тргувале и ја силувале штитеничката од домот „25 Мај“, смета директорот на првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац. Според него, постојат сомненија дека и други девојчиња биле сексуално злоупотребувани од постари штитеници на домот. Бара кривичните дела кои се однесуваат на педофилијата и трговијата со деца да не застаруваат.
„Морална одговорност е најмалку што може да се направи во случајот со ’25 Мај’. Тука бараме и кривична одговорност. Инаку, за пофалба е тоа што Министерството поднесе 11 кривични пријави против вработени во Центарот за социјална работа и што е веќе детектиран случајот на жената која тргувала со детето“, изјави Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.
За ранливоста на децата и насилството што се врши врз нив се разговараше и на меѓународната конференција во Скопје, на која учествуваа делегати од 10 држави. Се бараат ефикасни решенија преку мобилизација на институциите и невладиниот сектор во борбата против сиромаштијата која неминовно ги турка децата во ризик.
„Потребна е и промена и на начинот на којшто размислуваме, на менталниот склоп, не само на политиките. Не е потребно само истражување, туку треба и да делуваме во самите институции и организации од кои доаѓаме“, вели Фред Нијабера- „Аригату Интернационал“.
Статистиките презентирани на конференцијата покажуваат дека половина од децата во светот биле физички, психолошки или сексуално злоупотребувани, а на секои пет минути, по едно дете е убиено при насилство.
Анита Димитријевска
