Евроинтеграции

Захариева: Местото на земјите од Западен Балкан е во ЕУ, штом бидат подготвени за прием

27.02.2018 14:25

Местото на земјите од Западен Балкан е во Европската унија, но кога ќе бидат подготвени за прием, вели бугарската шефица на дипломатијата Захариева. Еден од приоритетите на бугарското претседателство е интеграција на регионот во Унијата. На први март во Софија, средба на претседателот на Европската комисија Јункер и бугарскиот премиер Борисов со лидерите од земјите на Западен Балкан...

Европската перспектива на Западниот Балкан како приоритет на бугарското претседателство со ЕУ било тема на Советот за општи работи во Брисел. Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева во улога на претседавач соопшти дека претставниците на членките на Унијата и на Европската комисија истакнале дека местото на земјите од Западниот Балкан е во Европската унија, штом бидат подготвени за прием.

„Ги информирав колегите за приоритетите на нашето претседателство што станаа важни приоритети и на Европската комисија, но и на многу земји членки, европската перспектива и поврзаност на земјите од Западниот Балкан. Ние поделивме мислења и сите сметаме дека ова е навистина прозорец на можности и треба да ја искористиме оваа единствена можност да им дадеме јасен политички сигнал за поддршка на земјите од Западниот Балкан без да создаваме нереални очекувања“, изјави бугарската шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер по завршувањето на балканската турнеја на 1-ви март во Софија ќе има средба со бугарскиот премиер, Бојко Борисов и со лидерите од регионот на Западниот Балкан.

Европските лидери ќе присуствуваат на Самитот за Западен Балкан на 17-ти мај во Софија.

 

Ирина Гелевска