Граѓански инцијативи за измени во законите

27.02.2018 15:14

Измени во правниот систем без дискриминиција, подолго породилно отсуство, вклученост на лицата со попреченост во општеството и спречување на говорот на омраза во медиумите, се дел од иницијативите на граѓанските организации до Собранието. Експертите сметаат дека треба да се смени односот на пратениците кон граѓанските иницијативи, а невладините организации да бидат поупорни во лобирањето за да се променат законите што се од нивни интерес.

Здравствена заштита на пациентите со ретки болести, зголемување на породилното отсуство, социјална инклузија на лица со попреченост и нивните семејства, спречување на говорот на омраза во медиумите. Ова се само дел граѓански иницијативи кои биле доставени до Законодавниот дом. Досега ниту една иницијатива за која се потребни 10 илјади потписи, не го минала филтерот на пратениците.

Познавачите на оваа проблематика велат дека земјава е далеку од развиените парламентарни демократии, каде што со почит и со позитивен однос се гледа на потребите на граѓаните. Кај нас, сѐ уште доминира партискиот и групниот интерес, а не реалните економски и социјални проблеми на населението.

За пратеникот Павле Богоевски, клучно е невладините организации поагресивно да лобираат кај секој народен избраник со цел поактивно да се вклучат во процесот на креирање политики.

Проектот „Граѓните во Собранието“ го спроведува Вестминстер фондацијата за демократија. Треба да го подобри капацитетот на граѓанските организации да се вклучат во дијалог со политичките фактори кои ги носат одлуките за човековите права и оние кои се борат да ги одбранат социјалните, економските и културните права на групите и на поединците.

 

Игор Панов