Нови случаи на злоупотребени деца
Европскиот центар за правата на Ромите добил сведочења за уште два нови случаја на сексуално злостување во домот „25 Мај“. Пријавено е во полиција. Од првата детска амбасада „Меѓаши“ посочуваат дека има повеќе кривични основи по кои може да се гонат сторителите. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека истрагата ќе покаже за што ќе се покренат обвиненија...

Два нови случаи на сексуална злоупотреба во Домот „25 Мај“. Мајка на две сестри од ромска националност пријавила дека нејзините деца, кои биле штитенички на установата, биле жртви на постар маж кој ги земал од домот, ги однел кај Старата железничка станица и сексуално ги злоупотребил. Дека девојчињата на возраст од 16 и 13 години навистина биле жртви на сексуално насилство потврдил и гинеколог откако ги прегледал.
Како што информираат од Европскиот центар за права на Ромите, девојчињата често излегувале од Домот, а нивното отсуство не било пријавувано во полиција. Моментално двете девојчиња се во згрижувачки семејства, а имаат и помала сестра која е сместена во Домот за деца без родители „11 Октомври“.
Досега се детектирани три случаи на сексуална злоупотреба на штитенички од Домот за деца и младинци со воспитно- социјални проблеми. Директорот на првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац смета дека постојат повеќе кривични основи по кои може да се гонат лицата коишто тргувале и ги силувале децата. Бара кривичните дела кои се однесуваат на педофилијата да не застаруваат.
„Морална одговорност е најмалку што може да се направи во случајот со ’25 Мај’. Тука бараме и кривична одговорност. Инаку, за пофалба е тоа што Министерството поднесе 11 кривични пријави против вработени во Центарот за социјална работа и што е веќе детектиран случајот на жената која тргувала со детето“, изјави Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.
За ранливоста на децата и насилството што се врши врз нив се разговараше и на меѓународната конференција во Скопје, на која учествуваа делегати од 10 држави. Се бараат ефикасни решенија преку мобилизација на институциите и невладиниот сектор во борбата против сиромаштијата која неминовно ги турка децата во ризик.
„Потребна е и промена и на начинот на којшто размислуваме, на менталниот склоп, не само на политиките. Не е потребно само истражување, туку треба и да делуваме во самите институции и организации од кои доаѓаме“, вели Фред Нијабера- „Аригату Интернационал“.
Статистиките презентирани на конференцијата покажуваат дека половина од децата во светот биле физички, психолошки или сексуално злоупотребувани, а на секои пет минути, по едно дете е убиено при насилство.
Анита Димитријевска
