Снегот донесе зголемен број на повреди и скршеници
За три дена, 50-ина луѓе со повреди во Градската болница во Скопје. Дел од нив хоспитализирани. Замрзнатите коловози проблем и за возачите. Надлежните со апел за внимателност...

Снегот донесе скршеници. Зголемен бројот на пациенти во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Оттаму апелираат, граѓаните, особено повозрасните да внимаваат кога се движат, доколку немаат потреба да не излегуваат. Апел и до возачите зад воланот, да возат внимателно и да ја приспособат брзината на условите.
„Зголемен е бројот на пациенти кои се јавиле во нашата амбуланта. Станува збор за пациенти со различни повреди на телото. Од неделата до овој моемнт се јавиле вкупно 50 пациенти, од кои четворица се со фрактури, а двајца од нив се примени за натамошно лекување“, изјави Бурим Елези, портпарол на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.
Продолжуваат активностите на зимската служба на Град Скопје. Во соопштението е наведено дека постојано ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите согласно со условите на теренот.
Од Град Скопје информираат дека изминатово деноноќие фрлени се 288 тони индустриска сол на градските сообраќајници.
Во текот на вчерашниот ден во главниот град имало 13 сообраќајки, повредени биле четири лица.
Ана Јосифоска- Тодоровска
