Владата ги стимулира компаниите да вработуваат млади лица
23.02.2014 15:26
Со новата мерка на Владата трошоците за вработување стопанствениците ќе ги скратат за околу 37%...
Работодавачите кои ќе вработат млади до 29 години во период од 12 месеци ќе бидат ослободени од плаќање песонален данок на доход и придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Со новата мерка на Владата трошоците за вработување стопанствениците ќе ги скратат за околу 37%.
Работодавачите ќе заштедат пари така што една година ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за пензиско и здравствено осигурување и персонален данок, ако примат на работа млади луѓе до 29 години. Еден од условите е барем уште една година да го задржат на работа, но и фирмата од Нова година до моментот на аплицирање за оваа бенефиција да нема отпуштено работници кои биле ангажирани на неопределено време.
„Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси, односно до основицата на просечната бруто плата од претходната година. Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата“, изјави претседателот на Владата Никола Груевски.
На овој начин фирмите ќе заштедуваат и до 37% од трошоците за вработување. Ако предвреме го раскинат договорот ќе мора да ги платат придонесите и данокот.
„Покрај тоа што ова е позитивно за вработувањето на младите лица, ова е олеснување и поддршка и за бизнис заедницата, којашто користејќи ги овие бенефиции ќе има поконкурентен производ“, рече Груевски.
Апликациите ќе се доставуваат до Агенцијата за вработување .
Владината мерка за вработување ќе трае две години. Опфаќа 45 илјади лица од кои 25 илјади се активни баратели на работа.
Анита Димитријевска
