Автопатот „Кичево-Охрид“ – делница за збогатена туристичка понуда
Мегапроектот подразбира побрз и непречен транспорт, размена на стоки и подобра соработка со околината и регионот, збогатување на туристичката понуда и заживување на економијата во овој регион...

Автопатиштата се крвотокот на една држава. Тоа подразбира побрз и непречен транспорт, размена на стоки и подобра соработка со околината и регионот, збогатување на туристичката понуда и заживување на економијата во овој регион, подобра бизнис клима како и поголема конкурентност на самиот регион. Стружани задоволни и позитивно гледаат на сето тоа.
„Сите имаат од тоа корист, посебно ние како туристички регион, но и економијата. Ќе има слободно движење, проток на луѓе и роба, тоа е повеќе од добро, викаат стружани... Јас сум од Скопје, за сите па и за нас туристите тоа е добро, побргу ќе стигнеме...“, велат анкетираните граѓани.
Хотелиерите и туристичките работници сметаат дека конечно ќе имаме по брза комуникација со метрополата, но и регионот.
„Зборуваме за инвестиција која што е многу битна во инфраструктурата, не само од аспект на туризмот туку и за индустријата. Вистина е дека оние анализи кои ние ги правиме во хотел Бисер, во Струга, кога ги прашуваме нашите гости во хотелот, кои аспекти од туризмот треба да се подобрат, главен акцент се става токму на инфраструктурата“, вели Татјана Огненовска, маркетинг менаџер во хотел Бисер Струга.
Изградбата на овој мегапроект ќе изнесува 375 милиони евра, а трасата ќе биде во должина од 57 километри. Според проектот, новиот автопат почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани, па се до Требеништа. Од таму ќе биде поврзан преку Подмоље со Охрид. На планинскиот превој кај Пресека ќе биде изграден тунел со две цевки во должина од 2 километри.
Оваа автопатска делница е повеќе од значајна со оглед на фактот дека долго време беше потреба на голем број граѓани и туристи, а води кон нашите најпосетувани туристички места – Охрид и Струга. Со изградбата на овој автопат, стружани и охриѓани до Кичево ќе патуваат за околу 20-тина минути.
Јованчо Наумоски
