Турчинов нов преоден претседател на Украина
23.02.2014 16:02
Во отсуство на претседател, на преодна функција е назначен спикерот на парламентот Турчинов...

По три бурни месеци, полесно се дише на Евромајданот во Киев. Тектонски промени се случуваат во Собранието, каде што се реорганизира власта. Во отсуство на претседател, на преодна функција е назначен спикерот на парламентот Александер Турчинов. Тој им даде рок до задутре на пратениците да формираат влада на национално единство. Поранешниот министер за надворешни работи Кожара е тргнат од местото на привремен премиер. Додека народот бара Јанукович да биде изнесен пред суд, се уште не се знае од каде тој порачува дека не ја признава новата власт.
„Веќе втор ден никој не знае каде е претседателот на Украина. Вчера го баравме цел ден, дури и по телефон, но никој не ја знае неговата локација. Исчезна“, изјави Виталиј Кличко, опозициски лидер од „Удар“.
Се појавија првите снимки од бегството на Јанукович – од Киев побегнал со хеликоптер. Вчера во Донецк сакал да замине од земјата со авион, но не му дозволиле граничарите, иако се обидел да ги поткупи. Последно се знае е дека од аеродромот заминал во армирано возило. Парламентот му го одзема луксузниот имот што ги шокираше граѓаните со расипништвото, а Партијата на регионите се откажа од него и му ја префрли одговорноста за загинатите. Сепаратистичкиот проруски Источен фронт во Харков и Крим организира паралелна власт иако водачите побегнаа во Русија.
„Барам од конвенцијата во Харков да преземе целосна одговорност за безбедноста, одбраната на територијата и спасување на животите и мирот“, рече Андреј Меркулов, организатор на протестите на Источниот фронт.
Во Киев демонстрантите остануваат на барикадите во очекување на промени, додека се најавуваат првите кандидатури за предвремените избори на 25. мај – Тимошенко, Јаценјук и Порошенко за Татковина, Тигипко за Партијата на регионите и веројатно Кличко за Удар, а Тјагнибок за Слобода.
Ивана Салтировска
