Канада пак шампионски, Шведска без третата круна!
Третото злато на последните четири олимпијади почнувајќи од Солт Лејк Сити, а вкупно деветто досега, за Канаѓаните го искове триото ѕвезди коишто блеснаа дури на завршниот ден...

Пред четири години на свој мраз во Ванкувер, а сега и среде Русија. „Зборнаја“ не и застана отспротива, но Канада одново го зграпчи златото во хокеј, за огромен дел од спортскиот свет сигурно најпрестижниот настан на зимските олимпијади. Супериорно, надмоќно во секој поглед, за уште четири години Канаѓаните го продолжија неприкосновеното владеење во атрактивната игра на мраз, со убедливиот триумф над Шведска од 3-0 во финалето во Сочи.
Третото злато на последните четири олимпијади почнувајќи од Солт Лејк Сити, а вкупно деветто досега, за Канаѓаните го искове триото ѕвезди коишто блеснаа дури на завршниот ден. Џонатан Тејвс го проби феноменалниот Лундквист во 13-та минута, Сидни Крозби по контра во 37-та минута го навести победничкиот расплет, по што Крис Куниц стави печат на 10 минути пред крајот. Куриозитет – за сите нив ова беше прв погодок во шестиот натпревар на турнирот во Сочи. Сегашната канадска генерација се одмазди за поразот на онаа од пред две децении, којашто во финалето во Лилехамер потклекна по изведувањето пенали. Ова е првиот олимписки шампион со стопроцентен ефект по Советскиот Сојуз во Сараево 1984.
Во пресметката на двете селекции коишто немаа пораз на патот до финалето, Швеѓаните не можеа достојно да парираат. Преголем хендикеп им беше тоа што поради мигрена го немаа на мразот Бекстром, откако уште по првиот меч останаа без Зетерберг, а уште пред турнирот и без Францен и Хенрик Седин. Откако паднаа во негатива од 2-0, прашањето беше дали ќе примат уште некој, а не дали ќе постигнат барем еден гол. Хендрик Лундквист одбрани 33 удари, но беше немоќен против „црвената машина“. Како на актуелни светски прваци, им останува надежта дека во Пјеонгчанг би можеле да ја продолжат златната низа на секои 12 години – Лилехамер 1994, Торино 2006.
