„Конец“ на Зимските олимписки игри во Сочи
23.02.2014 20:13
Беспрекорната организација на русите воведе едно ново ниво во Зимските олимписки игри, нешто што следниот домаќин, јужнокорејскиот град Пјонгчанг ќе се потруди да го надмине во 2018 година...

„Досвидања“ Русија! Згасна олимпискиот оган во Сочи! Завршија најскапите, најкомпетитивните, најсончевите и едни од најдобро организираните Зимски олимписки игри и во историјата. Со свечена церемонија на стадионот „Фишт“ вечерва се стави „конец“ 22-та зимска олимпијада. Учествуваа околу три илјади спортисти од 88 земји.
Беспрекорната организација на русите воведе едно ново ниво во Зимските олимписки игри, нешто што следниот домаќин, јужнокорејскиот град Пјонгчанг ќе се потруди да го надмине во 2018 година.
Организаторите го исполнија тоа што го ветија. Олимпијадата помина во најдобар ред. Ги прогласувам Игрите за затворени и ве поканувам на следните во Пјонгјанг, изјави првиот човек на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах во неговиот говор.
Церемонијата на затворањето содржеше елементи кои ја претставуваа руската традиција, културните вредности и историјата на државата која во беспрекорната организација на Игрите вложи 51 милијарди долари. Крајот на Олимпијадата беше означен со традиционалното спуштање на олимпиското знаме и гасење на олимпискиот оган.
Најуспешна нација на првата зимска олимпијада одржана во Русија беа токму руските натпреварувачи кои освоија 33 медали (13 златни, 11 сребрени и 9 бронзени). Норвешка е втора во пласманот на медалисти со резултат 11-5-10 или вкупно 26 медали, а на третото место е Канада со биланс 10-10-5 вкупно 25 медали. Дваесет и една земја освоија барем еден златен медал, а 26 држави стигнаа барем до еден медал воопшто.
За Македонија зимското олимписко злато е сеуште далеку. Нашата земја ја претставуваа Марија Колароска, Дарко Дамјановски и Антонио Ристевски кој во слалом со 29-то место го постигна најдобриот резултат на еден Македонец на досегашните Олимпијади.
