Трамп ја прифати поканата за средба со Ким Јонг Ун
„Американскиот претседател Трамп ја прифатил поканата да се сретне со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун“, соопштија јужнокорејските претставници по состанкот со американските колеги во Белата Куќа. Одлуката следи по историската средба во Пјонгјанг на која Ким Јонг Ун за прв пат во последните 11 години прими делегација од Јужна Кореја. Во наредниот период се најавени повеќе билатерални средби меѓу засегнатите страни...

Неочекуван пресврт во односот Вашингтон- Пјонгјанг. По маратонската вербална војна, заладени односи и меѓусебни закани, претседателот на САД Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун на тет-а-тет средба до мај. Локацијата не е прецизирана, но како опции се споменуваат демилитаризираната зона во граничниот појас на Корејскиот полуостров и Пекинг. Поканата од Ким му беше врачена на Трамп од јужнокорејската делегација којашто неодамна беше во посета на Пјонгјанг.
„Ким вети дека Северна Кореја ќе се воздржи од нови тестирања на нуклеарното и ракетно оружје. Јасно му е и дека рутинските воени вежби со Република Кореја и Соединетите Американски Држави мора да продолжат. Изрази подготвеност да се сретне со Трамп што е можно поскоро. Претседателот Трамп се согласи на средба за да се постигне конечна денуклеаризација“, изјави Чанг Уји Јонг, советник за национална безбедност на Јужна Кореја.
Иако Вашингтон и сојузниците изразија оптимизам за натамошниот развој на дипломатскиот процес, потенцираа дека притисокот и санкциите ќе продолжат и натаму сѐ додека официјален Пјонгјанг не ги потврди своите ветувања со конректни дела.
„Ја почитувам и поздравувам промената во ставот на Северна Кореја. Тоа е резултат на соработката меѓу Јапонија и САД, како силниот притисок којшто Јапонија, САД, Јужна Кореја и меѓународната заедница го вршеа врз Северна Кореја“, вели Шинзо Абе, премиер на Јапонија.
Официјална Моска очекува средбата меѓу Трамп и Ун да се реализира. Сметаме дека ова е чекор во вистинската насока и се надеваме дека договорот ќе се спроведува безусловно со цел да се нормализира ситуацијата околу Корејскиот Полуостров, изјави шефот на дипломатијата Лавров.
Северна Кореја досега изврши шест проби на ракети и нуклеарно оружје кои може да предизвикаат проблем и до копното на САД. Светските лидери малку здивнаа за време на Зимската Олимпијада кога двете Кореи ги затоплија односите.
Маја Филдишев
