Прашањето за името ги скара Ципрас и Мицотакис

09.03.2018 11:38

Прашањето за името во парламентот ги скара премиерот Ципрас и претседателот на „Нова демократија“, Мицотакис. Лидерот на опозицијата ја обвини грчката Влада дека нема една и заедничка позиција за името. Нема отстапки од црвените линии-име за севкупна употреба, возврати Ципрас...

Жештока расправа за името меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на опозицијата Киријакос Мицотакис во грчкиот Парламент. Претседателот на „Нова демократија“ обвини дека Владата нема единствена позиција за името. Го праша Ципрас кој ќе ја застапува грчката позиција на самитот на НАТО во јули, дали министерот за одбрана Каменос, кој е против името Македонија или тој како лидер на „Сириза“.

„Веднаш Ви рековме зошто влегувате во овој разговор кога го немате обезбедено минималниот неопходен предуслов за да има заемно прифатливо решение, а тоа е промена на Уставот. Прво ни се потсмевавте, за да потоа дојдете на нашата линија. Господинот Заев излезе со огромна храброст и побара промена на грчкиот Устав, како одговор на тоа што ние му го кажавме“, рече лидерот на „Нова демократија“, Мицотакис.

Нема отстапки од црвените линии. Сложено име за севкупна употреба- возврати Ципрас од говорницата.

„Ние бараме решение за клучното важно прашање за името на соседната држава со два основни предуслови: сложено име за севкупна употреба, а тоа значи дека не може да биде само за надворешна употреба, туку и за внатрешна, односно промена на уставното име“, изјави премиерот Ципрас.

Мицотакис го обвини Ципрас дека во разговорите за името не ја вклучил грчката опозиција и дека демонтрациите против употребата на зборот „Македонија“ ги смета за националистички.

Ципрас тврдеше дека немал што да ја информира опозицијата пред средбата со Заев, потсетувајќи дека не е првиот грчки премиер што се сретнал со премиер на Македонија, алудирајќи ја средбата Груевски- Папандреу пред осум години.

 

Ирина Гелевска