Корејска криза

Наскоро средба Доналд Трамп- Ким Јонг Ун

09.03.2018 12:46

Американскиот претседател Трамп ја прифати поканата за средба со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун. Местото и датумот ќе бидат дополнително договорени. Очекуваме денуклеаризација, постигнат е голем напредок, но санкциите остануваат додека не се постигне договор, напиша трамп на Твитер. Москва и Пекинг очекуваат средбата да се реализира...

Неочекуван пресврт во односот Вашингтон-Пјонгјанг. По маратонска вербална војна, заладени односи и меѓусебни закани, претседателот на САД Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун на тет-а-тет средба до мај. Локацијата не е прецизирана, но како опции се споменуваат демилитаризираната зона во граничниот појас на Корејскиот полуостров и Пекинг. Поканата од Ким му беше пренесена на Трамп од јужнокорејската делегација којашто неодамна беше во посета на Пјонгјанг.

„Ким вети дека Северна Кореја ќе се воздржи од нови тестирања на нуклеарното и ракетно оружје. Јасно му е и дека рутинските воени вежби со Република Кореја и Соединетите Американски Држави мора да продолжат. Изрази подготвеност да се сретне со Трамп што е можно поскоро. Претседателот Трамп се согласи на средба за да се постигне конечна денуклеаризација“, изјави Чанг Уји Јонг, советник за национална безбедност на Јужна Кореја.

Иако Вашингтон и сојузниците изразија оптимизам за натамошниот развој на дипломатскиот процес, потенцираа дека притисокот и санкциите ќе продолжат и натаму сѐ додека официјален Пјонгјанг не ги потврди своите ветувања со конректни дела.

„Ја почитувам и поздравувам промената во ставот на Северна Кореја. Тоа е резултат на соработката меѓу Јапонија и САД, како силниот притисок којшто Јапонија, САД, Јужна Кореја и меѓународната заедница го вршеа врз Северна Кореја“, рече јапонскиот премиер Шинзо Абе.

За шефот на руската дипломатија Лавров, ова е чекор во вистинската насока за нормализирање на ситуацијата околу Корејскиот Полуостров. Кина е задоволна од позитивната атмосфера меѓу двете Кореи и подготвеноста за соработка меѓу Вашингтон и Пјонгјанг.

„Следниот чекор за сите страни е да одговорат активно на овој позитивен клучен момент. Како близок сосед и важен играч за корејското прашање, Кина го поддржува процесот на денуклеаризација и бара дијалог за решавање на проблемот. Кина ќе продолжи да игра позитивна и конструктивна улога“, изјави Генг Шуанг, портпарол на МНР на Кина.

Северна Кореја Досега изврши шест проби на ракети и нуклеарно оружје кои може да предизвикаат проблем и до копното на САД. Светските лидери малку здивнаа за време на Зимската Олимпијада кога двете Кореи ги затоплија односите.

Маја Филдишев