Здравство

Клинички ќе се гради на нова локација

09.03.2018 14:22

Новиот Клинички ќе се гради на локација во Злокуќани. Министерот за здравство Филипче тврди дека тоа е најдобра опција, бидејќи сегашниот, во центарот на градот е нефункционален. Се бараат начини како да се избегне плаќањето пенали од 5,5 милиони евра...

Клиничкиот центар ќе се дислоцира- пресече Владата. Ќе се гради во населбата Злокуќани, во близина на психијатриската болница. Оваа одлука е донесена по консулатации со архитекти, лекари и граѓани- рече министерот за здравство Филипче. Тврди дека на постоечката локација нема сообраќајно решение и не се овозможува лесен пристап до здравствените услуги за пациентите.

Се бараат начини како да се избегне плаќањето пенали од 5,5 милиони евра кон Банката на Советот на Европа, бидејќи договор веќе беше потпишан. Според првичните анализи, изградбата на новиот Клинички ценатр на новата локација би чинела 420 милиони евра.   

„Дури и да треба да ги платиме пеналите ова ќе биде најдоброто дури и најевтиното решение. Дури и да ги платиме тие предвидени пенали кон банката ништо не сме направиле ако добиеме само еден нов блок на зграда кој што ќе се спои со стари згради и веќе следниот ден тие стари згради ќе треба да се репарираат, а така ќе влеземе во нов циклус на инвестиции. И по таа цена ова е вистинското решение“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Во однос на новата локација, дел од земјиштето е државно, на дел треба да се расчистат имотно- правните односи. Се работи за парцела од 84 хектари.

„По генералниот урбанистички план, намената на таа област, на таа територија помеѓу Бардовци и Злокуќани е со намена здравство. Дури и приватните сопственици на земјиште ќе бидат задоволни бидејќи тешко е некој од нив да влезе во процедура на своја рака да гради некоја приватна болница или слично. На крајот на краиштата и луѓето кои живеат во околината ќе имаат бенефит, бидејќи модерен Клинички центар ќе биде сместен во нивната околина“, изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Изградбата на новиот Клинички предвидено е да започне за една ипол година. Се проценува дека градежните работи ќе траат од четири до пет години. На  истото место, планирано е да се гради Медицински факултет, истражувачки центар и кампус за сместување студенти по медицина.

 

Андријана Атанасовска